Општина Новаци изобилува со културно историско и природно наследство и на нејзината територија може да се организираат најразличен вид на туристички прошетки. Според досегашното искуство на превозниците кои што се занимаваат со превоз на туристи низ Општина Новаци, една од најбараните тури со теренско возило е онаа која ги спојува стариот и новиот пат до село Старавина. Стариот пат е оној кој преку село Скочивир води до село Будимирци и Старавина, а додека пак нов пат е оној кој води преку село Новаци.
Преку оваа патека може да се види вистинското лице на Општина Новаци и големиот број на интересни локации кои таа ги крие.
Вид на Патека: Комбинација на асфалтиран со земјен пат, погодна за велосипеди и теренски возила.
Тежина на патеката: Лесна, Средна
Вкупна Должина: ~ 130 км
Старт: Општина Новаци
Координати: 41°2’29″N 21°27’29″E
Надморска висина: 580 m
Поважни локации
1. Општина Новаци

- Координати: 41°2’29″N 21°27’29″E
- Надморска висина: 580 m
2. Село Брод
- Координати: 40°57’7″N 21°33’56″E
- Надморска висина: 590 m
3. Село Добровени

- Координати: 40°56’54”N 21°35’52”E
- Надморска висина: 580 m
Името на селото Добровени за прв пат се среќава во турските пописни дефтери од 1468 година каде е запишано како Добровјани и во тоа време имало 41 христијански семејства со 205 жители. На влезот од селото е лоциран храмот Св. Димитриј изграден во 1886 година, а селска слава е Митровден кој се празнува на 8 ноември.
Селото Добровени е сместено во крајниот југоисточен дел на Битолското Поле, во долината на Црна Река, на надморска висина од 580 метри. Атарот на селото зафаќа површина од 15.3 км2 и на него преовладуваат пасиштата, додека обработливо земјиште е само 433,2 ха.
Село Добровени за време на Првата светска војна, се наоѓало на самата фронтова линија, што имало погубни последици за неговите жители. Воедно, голем број на војници ги изгубиле своите животи во околните планини, и денес низ овој регион можат да се сретнат многу познати и непознати гробови, голем дел од кои се лоцирани во селските гробишта, околу црквата Св. Димитриј.
4. Село Скочивир

- Координати: 40°58′18.2″N 21°38′19.7″E
- Надморска висина: 600 m
Село Скочивир е постара словенска населба која за првпат се споменува во пописните турски дефтери од 1468 г. со 11 семејства и 1 неженет. Селото е сместено на 600 м надморска висина и во негова близина Црна Река влегува во клисурата, односно прекинува нејзиниот „мирен тек“. Од тука се претпоставува дека потекнува и името на селото, односно од зборовите: скокни вир или скочи вир.
Скочивир се наоѓа на левиот брег на Црна Река и тука започнува најдолгата клисура во Мариово, „ Скочивирска Клисура“, долга 104 км. Во овој дел на Црна Река, рељефно се формира тесно грло, поради што често доаѓало до периодични поплави и преливања на реката која правела огромни штети.
Во околината на село Скочивир постојат неколку антички локалитети, како доказ за богатото минато на овој регион. Градиште, Кале – Петалинско и Марково Кале се утврдени населби од железното време, а не смее да се заборави и Скочивирскиот натпис, врежан на карпа веднаш до Црна Река.
Село Скочивир има атар со зафатнина од 90,5 км2 и слава на селото е Петковден. Во селото постои храмот Св. Петка, изграден во 1860 г а во близина се наоѓа и надалеку познатиот манастир Св. Архангел Михаил. Селото, како и многу други места во овој дел на Мариово, било зафатено со фронтовските борби за време на Првата Светска Војна.
5. Манастир Св. Архангел Михаил, Скочивир

- Координати: 40°58’11”N 21°38’32”E
- Надморска висина: 638 m
Манастирот Св. Архангел Михаил е започнат со градба во 1967 година, во близина на стариот манастир. Овој манастир поседува конаци кои се едни од најубавите во овој регион.
6. Излетничко место Коњарка

- Координати: 40°58′53.8″N 21°39′44.2″E
- Надморска висина: 595 m
7. Село Петалино

- Координати: 41°0’11″N 21°42’11″E
- Надморска висина: 960 m
Сместено на десната страна на Црна Река, село Петалино лежи на надморска височина од 932 метри, а атарот зазема простор од 7,7 км2. Во 1880 година е изграден храм на Св. Вмч. Димитриј. За време на Првата светска војна ова село се наоѓало на линијата на фронтот, што имало погубни последици за локалното население. Од 1953 година Петалино е наполно раселено.
8. Бела Река (Белица)

- Координати: 41°03′05.3″N 21°43′44.7″E
- Надморска висина: 777 m
Бела Река ја сочинуваат две притоки: Река Трновчица и Бела Река кои се спојуваат под с. Будимирци, од каде тече кон југозапад.
Извира во месноста Бело Гротло на Ниџе планина на надморска височина од 1.610 м, а во Црна се влива на надморска висина од 494 м. Должината на водотекот изнесува 16 км. Зафаќа слив со површина од 119 км2 и релативен пад од 69,4‰. Има долина типично клисуреста на места и со кањонски изглед.
9. Село Будимирци

- Координати: 41°3’24”N 1°43’47”E
- Надморска висина: 840 m
Сместено од десната страна на Црна Река, атарот на село Будимирци се издига високо до сртот на планината Ниџе, каде што на тесен дел се допира со државната граница со Република Грција.
Селото е планинско, на надморска височина од 840 метри. Лежи непосредно до локален пат, a од градот Битола населбата е оддалечена 53 км. Атарот на ова село е мошне голем и зафаќа простор од 40,1 км2. Ha него шумите заземаат површина од 1.936,3 ха, пасиштата заземаат површина од 1.903,3 ха, а на обработливото земјиште отпаѓаат 737,8 ха.
Во село Будимирци се наоѓа храмот на Св. Вмч Николај Чудотворец (1875-78 год).
10. Манастир Св. Атанасиј, Старавина

- Координати: 41°5’9″N 21°43’9″E
- Надморска висина: 955 м
Покрај големата културно-историска вредност на ова место, она за што многу туристи го посетуваат и паметат се прекрасните панорами од сите делови на Мариово.
11. Село Зовиќ

- Координати: 41°7’0″N 21°42’43″E
- Надморска висина: 670 м
Зовиќ е село во Општина Новаци кое се наоѓа на 725 метри надморска височина. Селото порано било околу 500 метри пред сегашнота локација и се викало Лениште. Меѓутоа за време турското владеење тоа било опљачкано и запалено па жителите на селото било принудени да се селат на друго место и така било населено денешното село Зовиќ.
Името на селото е добиено најверојатно по името на една чешма која се наоѓала во денешно Зовиќ, а селаните на тогашно Лениште ја викале Бзовиќ поради тоа што околу неа имало многу боз, што претставува основа на денешното име.
Во селото има две цркви и тоа: Св.Никола и Св.Атанас, но сепак Зовиќ е најпознато по мостот на Градешка Река.
Според пописот од 1953 година во Зовиќ живееле 356 жители, но денес живеат само околу 30- на жители.
Зовиќ заживува за време на празникот Митровден кога е и слава на селото. Во Зовиќ се одржува и „ Зовичка средба“ кога се собираат иселените жители на селото и тој денес Зовиќ е полно со луѓе како на времето.
Но исто така во последните години може да се каже дека се повеќе иселени жители на селото се враќаат и ги обновуваат своите стари куќи и ги претвораат во викендици.
12. Камен Мост Село Зовиќ

- Координати: 41°7’7″N 21°43’2″E
- Надморска висина: 630 м
Во близина на село Зовиќ тече реката Градешка, која извира кај планината Ниџе, а се влива најнапред во реката Сатока, а потоа во Црна река.
Градешка река течејќи по своето камено корито има оформено клисура со необична убавина. На Градешка Река, се наоѓа една прекрасна камена градба- Зовичкиот Мост.
Камениот мост се наоѓа во непосредна близина на селото. Неговата намена била премостување на Градешка Река. Изграден бил заради комуникација на населението со населените териториите од другата страна на реката, односно со мариовските села Бешиште и Полчиште.
Во средновековниот период на местото на камениот мост постоел веројатно дрвен, кој по кажување на жители од селото, бил срушен кога во една прилика при транспорт бил преоптоварен.
Дури во 1955/6 година Majсторот Ѓуладин или Џуладин од село Лабуништа, струшко и Трајко Секирков повторно го изградиле со залагање на месното население и колективите. Непосредно кај приодот кон мостот на една висока карпа е насликан светецот Свети Ѓорѓи, кој е еден вид на остаток од црквичето кое во минатото постоело таму. Живописот датира од поново време, односно од 1925 година која е испишана заедно со имињата на дарителите.




