Познато е дека во регионот Мариово се одвивале важни битки во време на Првата светска војна. Денес овој регион го посетуваат голем број на туристи од целиот свет и голем број од нив се интересираат за локациите од Првата светска војна.
Покрај локациите од Првата светска војна, Општина Новаци изобилува со вредни природни локации и богато културно историско наследство, што ја прави како општина особено интересна за туристи.
Вид на Патека: погодна за велосипеди и теренски возила.
Тежина на патеката: Лесна, Средна
Вкупно растојание: ~ 140 км
Старт: Општина Новаци
Координати: 41°2’29″N 21°27’29″E
Надморска висина: 580 m
Предноста на оваа патека е таа што истата вклучува неколку интересни локации до кои, доколку се земе како база месноста Церова Полјана, може да се организираат различни видови на туристички прошетки – планинарски, велосипедски или пак со теренско возило.
Поважни локации
1. Добро Поле

- Координати: 41°2’ 29”N 21°53’3”E
- Надморска висина: 1810 m
Место од историско значење, каде за време на Првата Светска Војна е пробиена линијата на фронтот и за помалку од еден месец сојузничките војски стигнале до Белград. Оваа локација е особено интересна за француските и српските туристи, односно за големиот број на потомци на војниците кои се бореле таму и историчари кои се занимаваат со оваа проблематика.
2. Извори на Градешка река

- Координати: 41°04′10.2″N 21°49′54.7″E
- Надморска висина: 1020 m
Извориштето на Градешка Река се наоѓа во подножјето на македонско – грчката граница, во планинската месност наречена Уруп, при што во горниот водотек се вика и Урупска Река.
Извориштето се наоѓа на 1.600 метри надморска височина. Нејзина притока е Коселска Река и други помали извори и чешми. Должината на самиот водотек на Градешка Река изнесува 26 километри. Правецот на истекување е кон запад и тече низ с. Градешница, североисточно се пробива низ Старавинската клисура и од селото Зовиќ свртува кон север, каде се спојува со реката Сатока. Од десната страна Градешка Река прима поголема притока, Бешишка Река. Зголеменото водотечение на Градешка Река се влива во Црна Река на котата од 410 м. и тоа низводно на 3 километри од Чебрен. Површината на сливот изнесува 116 км2. Во изворната делница падот на Градешка Река изнесува 7,28%, а на последната делница падот изнесува 5,58%.
3. Церова Полајана

- Координати: 41°3’46”N 21°49’50”E
- Надморска висина: 1090 m
Церова Полјана – природна знаменитост одлична за одмор и релаксација место на кое веќе постои поголема шумска куќа. Оваа локација претставува еден вид на крстосница од каде по неколку различни патишта се стигнува до Изворите на Градешка Река, месноста Петте Чешми и Добро Поле.
4. Месност Лаките – Бела Река

- Координати: 41°02′10.9″N 21°48′24″E
- Надморска висина: 1030 m
Бела Река ја сочинуваат две притоки: Река Трновчица и Бела Река кои се спојуваат под с. Будим
ирци, од каде тече кон југозапад.
Извира во месноста Бело Гротло на Ниџе планина на надморска височина од 1.610 м, а во Црна се влива на надморска висина од 494 м. Должината на водотекот изнесува 16 км. Зафаќа слив со површина од 119 км2 и релативен пад од 69,4‰. Има долина типично клисуреста на места и со кањонски изглед.
5. Пет Чешми

- Координати: 41°02′44.9″N 21°50′36.1″E
- Надморска висина: 1240 m
Месноста Пет Чешми во близина на границата со Грција е едно од попознатите места кај локалното население во Мариово. Ова е местото од каде се добива водата за локалниот водовод.




